МЗТ Скопје им се врати на старите навики – да губи на гости во АБА 2

Македонскиот кошаркарски вицепрвак МЗТ Скопје Аеродром не успеа да врзе две победи по ред на гости во АБА 2, туку им се врати на старите навики. На минатото гостување го освои Вршац, но сега избраниците на Ѓорѓи Кочов со наведнати глави се враќаат од Рогашка Слатина. Загубија од домашниот тим Рогашка со 102-90, забележувајќи го третиот пораз во второто по квалитет регионално натпреварување.

Одбраната повторно беше проблем на „металците“. Кога ќе се примат повеќе од 100 поени, тогаш тешко се избегнува поразот.

Рогашка ја доби првата четвртина со 32-25, а и втората со 32-23. МЗТ веќе имаше 64 поени во својот кош по само дваесет минути игра и негатива од 16 кошеви разлика (64-48). Иако третиот период го добија во своја корист, сепак, поразот за „металците“ беше неизбежен.

Иве Иванов постигна 30 поени, а двоцифрени во составот на МЗТ беа и Медфорд (19), Вудард (12), Бојиќ (12) и Симоновски (11). Најефикасен кошаркар во победничкиот тим беше Миха Вашл, со 25 постигнати поени.

Се вчитува...