МЗТ Скопје ја „демолираше“ Сутјеска за втора победа во АБА 2-лигата (ФОТО)

Кошаркарите на македонскиот шампион МЗТ Скопје ја запишаа и втората победа во четвртиот натпревар од АБА 2 лигата, повеќе од убедливо со 93-64 триумфирајќи против екипата на Сутјеска.

„Металците“ одиграа одличен натпревар целосно разбивајќи го црногорскиот состав кој не успеваше да парира на расположените македонски кошаркари во ниту еден момент од мечот.

МЗТ Скопје добивајќи ја првата четвртина со 28-14 уште на стартот од дуелот потврди дека единствено размислува на победа. Првото полувреме македонскиот шампион го доби со 49-31.

Противниците одиграа рамноправно само во третиот период од играта кој Сутјеска го доби со 19-18, но во последните 10 минути повторно целосна доминација на МЗТ за конечна победа од 93-64.

Најдобар во победата на „металците“ беше Војдан Стојановски со 17 поени и шест асистенции, 13 поени запиша Танасковиќ, Ворку беше двоцифрен со 11 поени а 10 поени постигна Крстевски. Брејси беше најефикасен кај Сутјеска со 15 постигнати поени.

МЗТ Скопје сега со две победи и исто толку порази е на делба на четвртото место во второто по квалитет регионално натпреварување во кое учествуваат 14 екипи од просторите на поранешна Југославија.

Се вчитува...