Македонскиот првак МЗТ Скопје ќе мора да плати 1.000 евра откако беше казнет од страна на АБА-лигата поради фрлените предмети од трибините. Како што информира раководството на МЗТ, спортскиот директор на АБА-лигата, Жарко Чабаркапа, го казни македонскиот кошаркарски шампион поради „фрлање тврди предмети кои може да предизвикаат повреди“ според член 73.3 од пропозициите на регионалното натпреварување.
Инцидентот се случи за време на мечот од 1. коло против Партизан, кој заврши со победа на тимот од „Јане Сандански“. Казна од 1.000 евра добија и белграѓани поради истиот прекршок направен од навивачите на овој клуб присутни во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.
„Со цел да се избегне дополнителното празнење на клупската каса, управата на МЗТ Скопје Аеродром апелира до сите навивачи, симпатизери и искрени вљубеници во кошарката во иднина да се воздржат од фрлање било какви предмети кон актерите на теренот. Со таков гест само се прават проблеми на клубот и тоа не само на финансиски план туку и на имиџот кој го имаме во АБА-лигата. Помошта од трибините и тоа како ни е потребна, но на начин кој нема да донесе било какви санкции, кои во иднина при евентуално повторување би била драстично поголеми“ – порачуваат од МЗТ Скопје.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА