Актуелниот кошаркарски шампион на Македонија, екипата на МЗТ Скопје Аеродром, без разлика на епилогот на утрешната мајсторка за нов првак во нашата земја, ќе биде дел од АБА-натпреварувањето и во следната сезона, потврди клубот на својата официјална интернет страница. На денешното Собрание на регионалното натпреварување беше договорено лигата да се „затвори“ и листата на учесници однапред да се одреди без разлика на пласманот во националните шампионати.
Челниците на клубовите решија да го намалат бројот на екипи од 14 на 12 со цел да се засили квалитетот како и поради проблемите со календарот со оглед на новиот систем квалификации за Мундобаскетот во Кина. Според одлуката на денешното Собрание, во наредното јадранско првенство сигурно ќе учествуваат по четири екипи од Србија, три од Хрватска, две од Црна Гора и по една од Словенија, БиХ и од Македонија.
Со оглед на фактот што единствено Кошаркарската лига на Србија (КЛС) ја има признато АБА-лигата, единствено кај нашиот северен сосед пласманот ќе биде репер по кој ќе се одредат тимовите кои ќе настапат во следната сезона. Останатите екипи веќе се одредени, а тоа се Цедевита, Задар, Цибона, Будуќност, Морнар, Унион Олимпија, Игокеа и нашиот МЗТ Скопје Аеродром. Причина за ваквата одлука е фактот што ниту една од националните федерации не ја признава АБА-лигата, а со цел да се заштитат интересите на тимовите кои важат како основачи на ова натпреварување.
На денешниот собир во Загреб е решено да се организира Суперкуп во Бар кон крајот на септември на кој ќе настапат домаќинот Морнар, четирите најдобри екипи од плејофот (Црвена Звезда, Партизан, Цедевита и Будуќност) како и една или три екипи (постојат варијанти со шест и со осум екипи) кои би добиле специјална покана.
Истовремено, решено е да се формира младинска АБА-лига на која ќе настапат кошаркари до 19 годишна возраст, која би се играла според турнирски систем. Исто така, најавен е почеток на проектот за формирање Втора лига во која секоја од шесте земји би имала по двајца претставници.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА