Синоќешниот тренинг може да биде означен како официјален старт на подготовките на МЗТ Скопје за новата сезона, со оглед што тренерот Васко Атанасов и неговите помошници првпат на располагање ги имаат сите кошаркари на кои сметаат за претстојниот период во кој „металците“ ќе одат на одбрана на титулата и пехарот во Купот и враќање во најсилното друштво во АБА Лигата.
Последните на тимот му се приклучија Американците Ијасу Ворку и Седрик Расел, нешто претходно во Скопје пристигнаа и Србинот Душан Танасковиќ и Хрватот Марко Баковиќ, а на тренинзите им се приклучија и репрезентативците на Македонија, кои добија неколку дена повеќе за одмор поради обврските кон националната селекција. Со тимот работат и неколкумина најталентирани кошаркари од младинската школа.
МЗТ подготовките ќе ги мине во Скопје, а на 5. септември е закажан првиот пријателски меч против Арис на гости. Потоа на домашен терен МЗТ ќе игра со Пеја (8 септември), Гостивар (14 септември) и Рилски спортист, со кој ќе бидат одиграни два меча на 18 и 19 септември.
Официјално тимот од Аеродром ќе ја стартува сезоната на 23 септември со меч во Супер-Купот против Феникс.
ФОТО: МЗТ Скопје
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА