МЗТ Скопје лесно го реши „фенерџијата“, Петровиќ им даде шанса на тинејџерите

МЗТ Скопје лесно и убедливо стигна до нова прволигашка победа откако„металците“ славеа над Ангели со резултат 96-70. Тренерот Александар Петровиќ на овој меч им даде шанса на тројцата млади кошаркари, Величковски, Спасовски и Иванов, кои влегоа во игра  уште во првата четвртина (Величковски беше и стартер), а потоа добија минутажа и во второто полувреме.

Од самиот почеток стана јасно дека МЗТ е премногу квалитетен за триумфот да може да биде доведен во прашање. „Металците“ првото двоцифрено водство го имаа во шестата минута, кога Рикиќ погоди за 18-8, а „сино-белите“ продолжија да доминираат до крајот на четвртината, завршувајќи ја со убедливи 29-14. Ангели предводени од Американецот Раме ја спуштија разликата под десет (33-25), но МЗТ Скопје набрзо се разбуди, влезе во својот препознатлив ритам и на одмор замина со  водство од 56-38. Останатите дваесет минути беа само рутина за избраниците на тренерот Петровиќ, кој им даде шанса на сите кошаркари, но и и испроба различни тактички замисли во пресрет на наредниот балон од АБА2 лигата во Широки Бријег.

Американецот Дејвис со 19 поени и 10 скокови беше најефикасен во таборот на МЗТ, 17 постигна Рикиќ, а по 13 Војдан Стојановски, Мекиќ и Милошевиќ. Во редовите на Ангели најистакнати во вечерашниот пораз од шампионот беа Атанасов со 22 и Раме со 20 поени.

 

Се вчитува...