Војната на релација МЗТ Скопје – Перо Антиќ продолжува, откако актуелниот шампион на Македонија повторно го „пецна“ првиот човек на КФСМ. Овојпат тема е помошта што челниците на Ракометната Федерација на Македонија ја обезбедија за своите клубови, тренд што МЗТ Скопје очекува и Перо Антиќ да го следи за да им помогне на кошаркарските прволигаши.
„Металците“ потсетија дека КФСМ го „препиша“ цел протокол за тренинзи и натпревари од РФМ, па очекува Антиќ и соработниците да го „ископираат“ и овој потег на „куќата на ракометот“.
Соопштението на МЗТ Скопје го пренесуваме во целост:
„Со голема доза на љубомора вчера ја проследивме информацијата што побуди голем интерес во спортската јавност дека раководството на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) донела одлука за помош на клубовите во износ кој нема да биде помал од 6.000-7.000 евра месечно.
Првиот човек на македонскиот ракомет и неговите соработници решија да ги ослободат суперлигашите од плаќањето котизација, но и од плаќањето тестови за Ковид-19, кои во престојната сезона ќе ги има многу, што дефинитивно ќе им го олесни функционирањето. Во тој момент ни беше премногу криво што во кошарката немаме предводник од калибарот на Живко Мукаетов, кој постојано мисли на тоа како да им биде од помош на клубовите, без да фаќа страни и да формира непринципиелни коалици.
Наместо тоа, ние го имаме Перо Антиќ, кој шест месеци, од прекинот на првенството поради пандемијата со коронавирусот, воопшто и не помислил да направи нешто што би им помогнало на клубовите поради кои КФМ воопшто и постои. Освен што успеа да ги задоволи „ниските страсти“ на своите коалициски партнери и му ја „украде“ титулата на МЗТ Скопје Аеродром, за што вложи несекојдневен напор, бесконечни и нестатутарни гласања, сѐ додека не си го истера своето.
Тоа е единствениот „успешен“ проект на Перо Антиќ во неговиот мандат, кој влегува во втората година, а кој ќе се памети само по неуспеси. Септември дојде, а конкретни најави за начинот на кој ќе почне првенството нема, ниту, пак, некој во КФМ се труди да го направи тоа. Собранието беше одложено и сѐ уште не е одржано, иако поминаа скоро 16 месеци од претходното. Никој не ја знае финансиската слика, ниту каде се потрошени парите, како и за тоа колкав ќе биде буџетот за годината која веќе влегува во втората половина . Пандемијата се користи како изговор да не се работи ништо, иако во меѓувреме сите други федерации функционираат најнормално. Дури и Фудбалската федерација со повеќекратно повеќе членови одржа Собрание без никакви проблеми, но Антиќ сѐ уште се плаши од тоа. Дали од Ковид-19 или од соочување со разочарувањата кај клубовите, знае само тој самиот.
Господине Антиќ, без разлика на сѐшто досега (не) направивте, барем сега соберете сили и следете го примерот на РФМ. Како што од збор до збор им го препишавте протоколот за тренирање, така препишете им ја и оваа одлука. Парите што летово не ги потрошивте на репрезентативните селекции, пренамените ги за помош на клубовите. Тие се вашата база. Без нив ниту вие ниту КФМ ќе постои. Укинете ја котизацијата, најдете начин да „елиминирате“ и други трошоци кои прволигашите сигурно ќе ги имаат, меѓу што сигурно се и тестовите за коронавирусот.
Барем сега покажете дека ги сакате сите клубови еднакво и почнете да работите во интерес на сите, а не само на пријателите со кои го минувате и слободното време и на кои веќе им ја остваривте најголемата желба – МЗТ Скопје Аеродром да не биде шампион.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА