МЗТ Скопје не искористи напад за победа: Пораз во драматична завршница од Хелиос Домжале

МЗТ Скопје Аеродром остана на една победа низ досегашниот тек од АБА 2 лигата во Групата А, откако во четвртиот меч загуби низ драматична завршница на гостувањето од Хелиос Домжале со 68-67.

Македонскиот шампион лошо го почна натпреварот, со катастрофално одигран втор период од играта кој домашните го добија со 23-11, за предност од +13 поени на полувремето (39-26).

Меѓутоа „металците“ одлично го почнаа второто полувреме и со неверојатна серија од 0-13 по само пет минути во вториот дел дојдоа до 39-39. Сепак, еден од најдобрите поединци во македонскиот состав Американецот Едвин доби набрзина две лични гршеки со вкупни четири беше повлечен од игра, по што кошаркарите на Хелиос Домжале повторно дојдоа до предност од 50-48 пред последната четвртина.

МЗТ Скопје повторно одлично ја стартуваше и последната четвртина, преземајќи го водството и константно одржувајќи предност од два до четири поени до самиот финиш. Домаќините дојдоа до 64-64 на две минути пред крајот, за да Едвин со тројка донесе повторно 64-67 за МЗТ. Со поените на Кнежевиќ на 44 секунди пред крајот, Домжале успеа да стигне повторно само на поени негатива (66-67).

Тогаш на сцена стапуваат судиите кои неоправдано доделуваат неспортска грешка на Дион Едвин што значеше и петта лична грешка за него и отстранување од паркетот, па Домжале дојде до предност од 68-67. МЗТ Скопје имаше последен напад за победа, меѓутоа домашните успеаја да го блокираат обидот на Брендон Слај за триумф на Словенците.

Најефикасен во редовите на МЗТ беше Едвин со 16 поени, дополнети и со пет скока, а Слај постигна 15 поени. Маслинко и Баковиќ запишаа по 9 поени. Кај Домжале се издвои Кнежевиќ со 16 поени и седум скока.

Се вчитува...