Од КК МЗТ Скопје, по синоќешната победа против Пелистер во Битола, се огласија со соопштение во кое со „отровни стрели“ се нафрлаат на раководството на битолчани.
Од таборот на КК Пелистер, веднаш се огласија дека е поднесена жалба за критериумот на судиите во одлучувачките моменти на мечот. Сега следи одговор од КК МЗТ Скопје од каде нагласуваат дека нема да „дозволат нарушување на нивната чест и углед“.
СООПШТЕНИЕ ОД КК МЗТ СКОПЈЕ ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ
Изминативе години во македонската кошарка, а особено во Битола, сведоци сме на серија настани што го нарушуваат спортскиот дух, фер-плејот и достоинството на оваа благородна игра. Наместо напредок, сведочиме на длабоки поделби, притисоци и постојани обиди вината за сопствените неуспеси да се префрли врз судиите, федерацијата, противниците или медиумите.
Но, вистината сите ја знаеме! Главниот проблем не е во другите, туку во политиките и одлуките што со години се носат од врвот на Пелистер – од луѓето кои заборавија што значи чесно управување, спортска култура и одговорност. Сведоци сме дека во последните три сезони во клубот се создаде токсична атмосфера на страв, притисок и поделби. Наместо сплотеност и идеал за спортска гордост, гледаме како личните интереси и суетата стануваат поважни од дресот, играчите и градот. Битола, град со огромна спортска традиција, денес станува сe – само не кошаркарски центар, токму поради ваквото погрешно раководење.
Синоќешниот натпревар, кој нашиот клуб чесно го доби на паркетот (72-67), уште еднаш го потврди тоа. Наместо спортски амбиент, уште на самиот почеток сведочевме на различни видови притисоци, нервоза и недолични обиди за влијание – на теренот и надвор од него. И повторно, виновниците се бараат меѓу судиите и гостинските екипи, само не таму каде што навистина лежи одговорноста.
Време е конечно да престанат заканите, притисоците и играта со угледот на другите. Време е некој да се погледне во огледало и да признае дека спортски колектив не се гради само со исплата на паушали, туку со чесност, визија и сплотеност. Спортски клуб значи семејство, вредности и заедништво — нешто што одамна е изгубено во овој случај.
Нашиот клуб, нашите играчи и навивачи нема да дозволат некој да си игра со нашиот углед, име и чест. Ние не сме третокласен клуб, ниту ќе дозволиме некој да се изживува врз нашите репрезентативци и луѓе кои достоинствено ја претставуваат државата.
Дојде време одговорноста да ја понесе оној што со години ги креира овие деструктивни политики и атмосфера на омраза. Македонската кошарка заслужува чиста игра, достоинствени луѓе, спортска чест и вистински вредности.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

