Македонскиот шампион МЗТ Скопје нема да биде дел од турнирот во Кина закажан во периодот од 29 август до 1 септември, кој требаше да биде главен предизвик за „металците“ во подготвителниот период за новата сезона.
„Неодамна, неочекувано, од организаторот добивме информација дека поради работи кои се надвор од нивна, а со тоа и од наша контрола, морале да ја ревидираат листата учесници и дека таа најверојатно ќе биде сведена само на тимови од нивната држава. Така барем ни беше кажано од нивна страна, со цел да се оправда прекршувањето на веќе потпишаниот договор“ – информираат од КК МЗТ Скопје, притоа дополнувајќи:
„Ваквиот неочекуван потег дојде во лош момент за нашиот стручен штаб, кој целокупниот распоред пријателски средби го „врзаа“ токму со гостувањето во Кина, но едностано некогаш не се може ништо против т.н. „виша сила“. Тренерот Васко Атанасов и кошаркарите периодот го користат за напорни тренинзи, а во скоро време ќе биде објавена и ревидираната листа контролни мечеви, со напомена дека токму порди турнирот во Чонкинг пропуштивме низа пријателски средби против реномирани ривали надвор од Македонија“.
Новата сезона за сино-белите момци почнува на 24. септември, кога во „Јане Сандански“ ќе гостува црногорски Теодо на стартот од АБА2-лигата.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА