МЗТ Скопје претрпе уште еден пораз во АБА-лигата, овојпат сосема очекуван на домашен терен против бранителот на трофејот Црвена Звезда со убедливи 57-80. „Сино-белите“ се обидоа да сторат нешто повеќе, солидно парираа во првото полувреме, но немаа сили да го издржат темпото на одличниот српски состав предводен од Факундо Кампацо.
МЗТ преимпресионирано влезе во мечот, а „црвено-белите“ го искористија тоа за експресно да поведат со 4-14. Сепак, како што одминуваше времето, така МЗТ почнуваше да покажува квалитет во нападот, топејќи ја предноста на гостите од Белград. По петте поени во низа на Дастин Вер првата четвртина заврши со 15-17, во вториот период Црвена Звезда повторно успеа да се одлепи, а МЗТ да се врати, па на одмор се замина со сосема солидни 33-36.
Душко Ивановиќ дефинитивно ги имаше добро мотивирано своите избраници на паузата, бидејќи „црвено-белите“ во вториот дел заиграа далеку поагресивно во одбрана, создавајќи им огромни проблеми на кошаркарите на Гаги Николиќ. Победникот практично беше решен во третата четвртина што Црвена Звезда ја доби со убедливи 8-27, а кризата во нападот на МЗТ Скопје продолжи и во последниот период, во кој МЗТ за пет минути постигна само два поени, а резултатот по 35 минути игра гласеше 44-72. Шампионот одигра рутински до самиот крај, заслужено славејќи со убедливи 57-80.
Вер беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 16 поени, три помалку постигна Војдан Стојановски, а со по девет поени овој натпревар го завршија Миќовиќ и Кефи. Кампацо беше извонреден во дресот на Црвена Звезда со 23 поен и девет асистенции, дека 13 поени постигна Филип Петрушев.
Пеколниот распоред на аеродромци продолжува и наредниот викенд, кога македонскиот првак го очекува гостување против Партизан.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА