МЗТ Скопје е во преговори за ангажман на ново засилување во своите редови, и тоа од редовите на АБА-лигашот Игокеа. Станува збор за репрезентативецот на БиХ, Харис Делалиќ, кошаркар висок 200 сантиметри кој настапува на крилната позиција и во наредниот период би требало да му се приклучи на актуелниот шампион на Македонија. Делалиќ (29 години) е играч кој од 2022 е член на Игокеа, а претходно има настапувано за Слобода Тузла, Челик Зеница, Босна, Какањ. Делалиќ единствените меѓународни предизвици ги имал во Белгија, каде настапувал за екипите на Шарлроа и на Лувен.
Делалиќ не добива преголема шанса во тимот на Игокеа сезонава, севкупно има одиграно 40 минути на седум натпревари во АБА-лигата, а куриузитет е што нема погодено шут од поле во регионалното натпреварување (0/7 за два поени, 0/5 за тројка). Зад неговото име во АБА1 сезонава се запишани вкупно осум скока, една асистенција и четири украдени топки. Тоа е причината поради која шампионот на БиХ би дал зелено светло за заминување на овој кошаркар, кој би се преселил во МЗТ на позајмица до крајот на оваа сезона.
„Металците“ брзаат за што поскоро да осигураат потпис на нов кошаркар, за да можат што поскоро да го регистрираат како засилување за вториот дел од сезоната. Имено, раководството на МЗТ Скопје е информирано од ФИБА дека се во завршна фаза процесите против МЗТ, конкретно тужбите од неколку кошаркари од ланскиот ростер на тимот кои си ги бараат долговите што аеродромци ги имаат кон нив. Бидејќи станува збор за ФИБА-договори, речиси сигурно е дека македонскиот првак ќе ги загуби овие процеси, што ќе значи автоматска блокада од ФИБА за регистрација на нови кошаркари.
Со оглед на фактот дека на МЗТ не му цветаат рози ниту годинава на финансиски план, тешко е да се поверува дека брзо би можел да биде постигнат договор, а долговите исплатени, па јасно е зошто „металците“ сакаат што поскоро да го дофинишираат ростерот со кој би ја завршиле сезоната.
А со тоа ќе добијат неколку месеци за да ги решат проблемите и затворат дупките во буџетот кои воопшто не се мали, во пресрет на летото кога ќе мора да се влезе со „чисти сметки“, или нема да може да биде доведен ниту еден нов кошаркар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА