МЗТ Скопје демонстрираше моќ на дуелот против Работнички, триумфирајќи со конечни 67-52 во полуфиналето од меморијалниот турнир „Андреј Грковски – Тафта“ чиј организатор е екипата на ТФТ. „Металците“ одиграа импресивен меч во кој целосно ги контролираа и темпото и резултатот, додека „центарци“ со значително променет состав во однос на ланскиот не успеаја да му парираат на актуелниот првак на Македонија, за кого вечерва дебитираа и двете последни засилувања, Андреј Маслинко и младиот Зетов.
Од самиот старт стана јасно дека Работнички ќе се мачи на овој натпревар, откако избраниците на Самарџиев се мачеа да го најдат патот до кошот, постигнувајќи само шест поени во првата четвртина (22-6). „Центарци“ за момент се стабилизираа во вториот период, ја спуштија разликата под десет, но МЗТ повторно влезе во ритам и на одмор замина со предност од 14 поени (36-22). Убедливата позитива беше рутински задржана од страна на аеродромци, кои и покрај честите ротации во составот знаеја како да го приведат мечот до крај и да слават со убедливи „плус 15“.
„Металците“ во финалето ќе се сретнат со организаторот на турнирот, тимот на ТФТ, кој во првото полуфинале беше подобар од Кожув триумфирајќи со 78-72.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА