МЗТ Скопје ќе биде посилен за Данило Мијатовиќ на утрешното дерби во СЦ „Јане Сандански“ против Работнички, објави денеска актуелниот шампион на Македонија. Српскиот интернационалец доби раскин на договорот откако и „Апелација“ ја одби жалбата на Куманово, вицешампионите најавуваат правна битка, но во меѓувреме „металците“ ќе го имаат Мијатовиќ во своите редови за следните натпревари, почнувајќи од утрешниот дуел со вечниот ривал.
„Српскиот кошаркарски интернационалец Данило Мијатовиќ (33 год., 205 см.) од денеска и официјално е член на МЗТ Скопје Аеродром, откако Македонската кошаркарска федерација (МКФ) ја потврди неговата регистрација на нашиот клуб. Искусниот крилен центар пред истекот на преодниот рок беше ставен на пријавната листа на македонскиот шампион, но со заддршка дека неговиот трансфер би бил потврден само ако добие статус на слободен играч, што и се случи во четвртокот. Со неговиот ангажман ќе се пополни празнината во играта под кошевите по заминувањето на Даниел Кларк и на Џош Скот, а тренерот Анте Назор ќе добие уште еден квалитетен висок кошаркар, кој ќе им биде од голема помош на Јуре Лалиќ и на Љубомир Младеновски“ – се вели во соопштението на МЗТ Скопје.
За Данило Мијатовиќ ова ќе претставува камбек во таборот на „металците“, со оглед на фактот дека тој веќе освои две шампионски титули со МЗТ, во 2015 и во 2016 година, за минатото лето да ги напушти аеродромци и да се пресели во редовите на Куманово.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА