МЗТ Скопје преку Феникс до нов Суперкуп трофеј

Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром ја одбранија титулата во Суперкупот „Драган Василов Цевка“ откако вечерва во СРЦ „Кале“ славеа над финалистот од купот од минатата сезона Феникс со убедливи 76-54.

„Металците“ подобро го отворија натпреварот и по десет минути игра имаа позитива од четири поени 19-15. Избраниците на Денис Дервишевиќ одиграа одлично во вториот период. Се држеа во егал во сите десет минути и на пауза заминаа со истата негатива од првиот период од четири поени (33-29).

Клучната разлика тимот од Аеродром ја направи во третиот период во кој кошаркарите на МЗТ одиграа неверојатно во нападот, па во последната четвртина заминаа со предност од големи 60-44.

До крајот избраниците на Васко Атанасов само рутински го приведоа мечот за конечни 76-54 и нов трофеј во Суперкупот. Војдан Стојановски со 13 поени беше прво име во таборот на победникот, а со 12 го следеше Садрик Расел. Кај поразените недоволни беа 18 поени на Даниел Шакур.

Се вчитува...