Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром вечерва од 19 часот на домашен терен во СЦ „Јане Сандански“ против Спартак Суботица го играат полуфиналето од АБА 2 лигата.
Тренерот на „металците“, Васко Атанасов ја потврди решеноста кај сите во тимот за победа на мечот, упатувајќи апел за што поголем број навивачи во „Јане Сандански“ кои ќе помогнат да се дојде до посакуваната цел.
Атанасов е убеден дека се може до победа во битката за финале во АБА 2 лигата.
„Ова е еден од натпреварите за кои напорно работиме цела сезона, кои се идеален мегдан да покажеме од што сме создадени и на кои мора да ја оставиме буквално последната капка пот. Спартак Суботица е исклучително квалитетен противник, тим со сериозен буџет и амбиции, поради што мора да бидеме на највисокото можно ниво ако сакаме да дојдеме до посакуваниот триумф. Верувам дека ќе имаме огромна поддршка од трибините, бидејќи со помош на навивачите секогаш играме подобро. Секој човек ќе ни биде клучен, затоа ги повикувам сите со плаво-бела крв во вените да дојдат и да ни помогнат заедно да го совладаме силниот ривал“ – вели Атанасов.
Влезот за утрешниот натпревар во „Јане Сандански“ е бесплатен.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА