Македонскиот првак МЗТ Скопје Аеродром излезе со објаснување по изгласаниот буџет на Општина Аеродром за 2018 година и сумата од 200.000 евра што ќа је добие клубот. Станува збор за идентична сума како и претходните години, а комплетниот буџет на „металците“ повторно ќе биде задоволителен и клубот ќе се бори за трофеите во македонската кошарка.
„МЗТ Скопје од општината Аеродром ќе добие 200.000 евра, што е идентична сума како и неколку години наназад.
Но, тоа нема да бидат единствените пари кои би ги имале на располагање во следната година, бидејќи клубот има договори за спонзорство и за донации со повеќе компании. Наша намера за во иднина е намалувањето на финансиската зависност од општината за потсетување, е сопственик на акционерското друштво под кое функционираме.
На крајот, би им порачале на сите душегрижници дека МЗТ Скопје Аеродром и во следната година на располагање ќе има доволен буџет за остварување на амбициите, кои секогаш се највисоки. А, тоа значи атака на двата трофеја на домашна сцена, како и што е можно подобар настап во регионалната АБА-лига, каде што долги години сме олицетворение на сѐ што е добро во македонската кошарка“, истакнуваат од МЗТ Скопје Аеродром.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА