Трендот на казнување на шампионот МЗТ Скопје по речиси секој натпревар во домашното првенство продолжи и по најновата рунда на македонската кошаркарска сцена.
Аеродромци со доминантно второ полувреме го декласираа составот на Чаир, но сепак ќе мора да платат 16.000 денари за националистично навивање на своите навивачи во СЦ „Јане Сандански“, како што е наведено во најновиот Билтен на федерацијата.
„Досудена Т.Г. на тренерот на КК МЗТ Скопје А. Атанасов В. поради неспортски однос. На 5,32 мин до крај на втора четвртина при жива топка и време за игра навивачката група на МЗТ Скопјеј А. почнале да пеат навивачка песна во која бил содржан збор кој е навредлив за Граѓаните на Република Северна Македонија од Албанска националност(погрдниот збор во песната бил шиптари).
На 4,35 мин до крај на втората четвртина кога всушност настанал првиот прекин на игра(мртва топка поради тајм аут за екипа), преку разглас била опомената публиката за коректно навивање. Играта продолжила и повторно на 3,27 мин до крај на втора четвртина при жива топка и време за игра истата навивачка група повторно отпочнала со пеење на истата песна.
При првиот прекин на игра (мртва топка поради лична грешка) на 2,22 минути до крај на втората четвртина, екипите биле повлечени од терен и било реагирано кај тренерот на екипата на МЗТ Скопје А. и Претседателот да ги смират навивачите. По реакцијата на Претседателот на МЗТ Скопје А. Ѓоревски Ф.,тренерот Атанасов В. и Делегатот на натпреварот во консултација со првиот судија дека при повторно вакво или слично навивање навивачката група или сите гледачи ќе бидат отстранети од салата што повторно било објавено преку разглас, навивачката група престанала со ваквиот начин на навивање и натпреварот продолжи, прекинот траел 5,08 минути“, се вели во делегатскиот извештај од натпреварот.
Врз основа на овој извештај, аеродромци ќе треба да платат 16.000 денари за навредливо, националистичко навивање по член 55.7, плус дополнителни 3.200 денари за техничката грешка на тренерот Атанасов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

