Актуелниот кошаркарски првак МЗТ Скопје Аеродром се огласи со соопштение по денешното одложено дерби во „Градски парк“ против големиот ривал Работнички. „Металците“ тврдат дека салата на Работнички дефинитивно е „зрела за пензија“.
Одложувањето на вечерашниот дерби натпревар помеѓу Работнички и МЗТ Скопје Аеродром е само кулминација на рашомонијадата на која бевме сведоци во изминативе денови, а чиј епицентар, за жал, беше во управата на нашиот голем спортски ривал и пријател од „Градски парк“.
Циркусот почна со неочекуваното менување на денот на играње и тоа во термин кој се косеше со можностите на Македонската телевизија (МТВ) да врши директен пренос, што, пак, разжалости илјадници вљубеници во кошарката кои воопшто и не се клупски обоени. Денеска уште од раните утрински часови цела спортска јавност беше држена во неизвесност дали ќе се игра, без управата на Работнички да најде сходно да потврди дека навистина има проблем со семафорот. „Шлагот на тортата“ дојде вечерва, кога и официјално беше потврдена шпекулацијата дека нема да се игра и тоа во моменти кога ионака малиот број среќници со влезен билет веќе се беа упатени кон центарот на Скопје.
Сето ова само го потврдува она народното дека секогаш кога ќе сакате да направите некое „иле“, кармата веднаш ви враќа на лош начин. Но, уште повеќе, проблемот со семафарот е само уште еден од многуте докази дека салата во „Градски парк“ е зрела за пензија. Со радост во срцето се потсетуваме на сите пеколни меѓусебни пресметки во овој култен објект за македонската кошарка, но сметаме дека е дојдено крајно време тој да му отстапи место на нешто поново и посовремено. На објект во кој кошаркарите и тренерите ќе се чуствуваат безбедно и на трибините ќе се најдат сите оние што ќе го посакаат тоа, а не само привилигираните.
Свесни сме дека е тешко тоа да се направи преку ноќ, но решение за проблемот наречен „Градски парк“ мора да се наоѓа, макар тоа било и постепено. На нашите големи спортски ривали најпријателски им советуваме во иднина барем средбите од визок ризик да ги играат во објект кој го задоволува барем минималните стандарди за модерна кошарка, кои нивниот сегашен дом ниту од далеку не ги исполнува.
Тоа би било во интерес и на нивниот клуб, на нашиот меѓусебен ривалитет, но и на македонската кошарка во целост. МЗТ Скопје и Работнички се ‘рбетниот столб на макбаскетот и тие треба да бидат лидери во сѐ, па дури и кога тоа значи носење тешки одлуки кои на куси стази делуваат дека се против сопствениот интерес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА