МЗТ Скопје со ново засилување пред АБА2-турнирот

МЗТ Скопје ангажираше ново име пред самиот почеток на првиот турнир од АБА2-лигата, потпишувајќи договор со 24-годишниот Иван Карачиќ. Станува збор за кошаркар висок 203 сантиметри кој најдобро се снаоѓа на позицијата крилен центар и би требало да му биде од огромна помош на тренерот Ѓорѓи Кочов при претстојните предизвици на „металците“. Македонскиот првак поради повреда е без помошта на репрезентативецот Маслинко, со повреда на стартот од сезонава се мачеше и центарот Бојан Крстевски, поради што управата се активираше и договори уште едно странско засилување.

Карачиќ ја почна сезоната во полскиот прволигаш Даброва, но најпрвин заработи лесна повреда, потоа не играше и поради коронавирус, за кога конечно оздраве самиот кошаркар да побара предвремен раскин на договорот. Кошаркарот роден во Мостар речиси целата досегашна кариера ја мина во дресот на Широки Бријег, тим за кој лани имаше просек од 8,3 поени и 6,1 скокови по натпревар.

Новото засилување на „металците“ ќе настапи на претстојниот турнир во АБА2-лигата, а интересно е што МЗТ во второто коло во Златибор ќе се сретне со неговиот поранешен клуб Широки Бријег.

Се вчитува...