МЗТ Скопје официјално ќе стартува со подготовки за новата сезона на 22 август (вторник), во големата сала од СЦ „Јане Сандански“. Како што информираат од редовите на македонскиот првак на својата официјална веб-страница, тренерот Александар Тодоров се очекува на првиот собир на располагање ќе ги има сите играчи кои во моментов се под договор, вклучувајќи ги и репрезентативците кои денеска против Естонија во Талин ќе го завршат настапот во претквалификациите за СП 2019 во Кина.
Дотогаш, новиот стратег на „металците“ ќе работи со помладите играчи во нашиот состав на кои повремени ќе им се приклучуваат и поискусните, со цел сите што е можно поподготвени да го дочекаат стартот на подготовките.
Тодоров до почетокот на новата сезона планира одигрување на десетина контролни средби, меѓу кои дел се веќе договорени. Прифатено е учеството на меѓународен турнир во Турција каде што на 6 септември ќе ги одмериме силите со организаторот Бујукчекмече додека следниот ден ќе играме против победникот или поразениот од дуелот помеѓу Истанбул ББ и Цибона. На 8 септември е договорена уште една контрола и тоа против турскиот второлигаш Пертевнијал Генчлик од Истанбул по што ќе следува враќање во Скопје.
Новата сезона за сино-белиот состав стартува на 29 септември кога во „Јане Сандански“ ќе гостува белградски Партизан. Терминот за почеток на домашното првенство се уште не е официјално одреден.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА