МЗТ Скопје ќе ја стартува новата сезона во АБА2 лигата со два домашни натпревари, против словенечкиот претставник Хелиос и српскиот прволигаш Борац Чачак. Денеска беше објавен целокупниот распоред на натпреварите во новата сезона, која ќе стартува на 27 септември, а лигашкиот дел ќе заврши на 13 март. За разлика од минатиот шампионат во кој се играше фајналфор, победникот и патникот во елитата овој пат ќе биде одреден со плејоф во кој ќе влезат четирите најдобри екипи. Полуфиналето ќе се игра до две победи, а финалето до три триумфи.
Воедно, обелоденет беше и списокот на сите учесници, по промените кои мораа да бидат извршени во последен момент поради немањето на втора екипа од Македонија и од Хрватска. Празните места се пополнети со тимови од Србија и Словенија, и тоа Вршац и поранешниот АБА-лигаш Хелиос Домжале. Местото на Босна АСА, која во последен момент се откажа, е пополнето со Спарс, екипа која исто така доаѓа од Сараево.
Останатите осум екипи се Борац Чачак, Динамик (Србија), Сикст Приморска и Рогашка (Словенија), Ловќен (Црна Гора), Сплит (Хрватска) и Зрињски (БиХ).
МЗТ Скопје лани испадна од АБА по серијата катастрофални игри и резултати, a целта на „металците“ е експресно враќање во елитното кошаркарско друштво во регионот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА