МЗТ Скопје ја потврди првата позиција на табелата и предноста од домашен терен во разигрувањето за титула откако во последниот натпревар од 21. коло славеше на гостувањето кај Феникс 2010 со 64-82. Аеродромци рано стигнаа до предност, одолеаја на налетите на десеткуваниот противник и запишаа нови два бода.
Благодарение на добрата реализација за три поени МЗТ Скопје ја превзема иницијативата од самиот старт на натпреварот, но како што одминуваа минутите Феникс 2010 одговори со игра „два на два“ преку која стигна до лесни поени за 20-22 по 0. минути игра. Изедначената игра со акцентот на одбраните продолжи и во поголемиот дел од втората четвртина, но за водството од 32-42 на полувреме повторно пресуди серијата на тројки на „сино-белите“ кои стрелаа преку Крстевски, Робев, Кук и Кефи.
Натпреварот продолжи со акцент на одбраните и по „големиот одмор“, а прв кој ја превзема иницијативата беше домашниот тим кој преку бековската линијата Митревски – Петковски намали на 45-52. Сепак МЗТ Скопје одговори со цврста одбрана која резултираше со ленси поени во транзиција преку Кук за враќање на двоцифрената предност (51-62) пред последните десет минути. Во нив Феникс 2010 повторно ја врати негативата на едноцифрена, но немаше сили за неизвесна завршница, напротив „штковите“ дополнително ја зголемија предноста.
Со 19 поени и 6 скока лидер на Феникс 2010 беше Јанески, 14 поени дополни Митревски, а со 10 поени и 7 скока мечот го заврши Димчевски. По 15 поени за МЗТ Скопје постигнаа Крстевски и Кук со тоа што Македонецот забележа и 7 скока, а Американецот 4.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

