МЗТ Скопје цел јануари без првиот плејмејкер

МЗТ Скопје претрпе пораз на синоќешното гостување од Борац Чачак, но уште поголем проблем за тренерот Кочов од загубените бодови претставува повредата на Лестер Медфорд. Првиот плејмејкер на „сино-белите“, кој воедно е и најдобар асистент во АБА2 лигата сезонава, заработи незгодна повреда при еден дуел во последната четвртина, поради што не беше во можност да помогне во самата завршница од натпреварот во Чачак.

Денешните лекарски прегледи донеле лоша вест за „металците“, станува збор за фрактура во пределот на дланката на десната рака, поради што лекарите препорачале мирување во наредните 30 дена. Тренерот Кочов нема да може да смета на услугите на Медфорд во месец јануари, кога МЗТ Скопје го очекуваат низа тешки натпревари во АБА2, пред се дерби-дуелите со Приморска и со Ловќен кои ќе бидат од огромно значење за „кроење“ на изгледот на врвот на табелата во регионалното натпреварување.

Воедно, Американецот ќе биде отсутен и за продолжението од натпреварите во Првата лига, во кое веќе на стартот МЗТ Скопје ќе ја пречека Блокотехна, во обид да се одмазди за поразот во првото коло во Гевгелија.

 

Се вчитува...