Именувањето на Александар Тодоров за нов шеф на стручниот штаб на МЗТ Скопје ќе ги размрда работите во редовите на актуелниот шампион, со оглед на фактот дека новиот стратег инсистира што поскоро да доведе неколку нови засилувања. Марко Симоновски, Адем Мекиќ и Ксавиер Тејмс се единствените кошаркари од минатата сезона кои се под договор и за 2017/2018, а желба на Тодоров е прво засилување на „металците“ под негово водство да биде Дамјан Стојановски.
Македонскиот репрезентативец цела сезона беше надвор од терените поради повредата на коленото заработена при настапот за нашиот национален тим. Неговата здравствена состојба е далеку подобра и се очекува да биде 100% подготвен за септември и стартот на новите кошаркарски возбудувања, па неслучајна е желбата на Тодоров токму Дамјан да биде премиерно засилување, воедно и како доказ на желбата на новиот тренер на „металците“ во иднина акцент повеќе да се стави на домашните кошаркари во однос на странците.
Првата рунда официјални разговори меѓу Тодоров и Стојановски е водена во текот на денешниот ден, па со оглед на фактот дека и двете страни се расположени за соработка, лесно може да се случи договор да биде потпишан во следните неколку дена. Само за потсетување, токму Александар Тодоров го врати Дамјан Стојановски во мак-баскетот потпишувајќи го во МЗТ Скопје откако репрезентативецот настапуваше за бугарскиот првак Лукоил.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА