МЗТ Скопје за една четвртина го скрши отпорот на Кожув

МЗТ Скопје се зацврсти на чело на прволигашката табела откако вечерва славеше на домашен терен против Кожув со убедливи 78-65. Само една четвртина беше доволна за „металците“ да го скршат отпорот на гостите од Гевгелија, а удобното водство им овозможи на актуелните шампиони без никакви проблеми да го одржуваат резултатот до крајот на натпреварот. Тренерот Атанасов повторно ја подели минутажата меѓу сите кошаркари, а во игра не влезе само капитенот Дамјан Стојановски.

Победникот беше решен во почетните десет минути, во кои МЗТ доминираше и стигна до предност од 26-11. Аеродромци одиграа шампионски во остатокот, не дозволувајќи гостите од Гевгелија посериозно да се приближат, рутински стигнувајќи до нова победа со која овој тим останува осамен на врвот на табелата.

Војдан Стојановски беше прв стрелец на шампионот со 18 поени, Ворку имаше дабл-дабл од 12 поени и 10 скокови, а Баковиќ постигна 11 поени во овој триумф на МЗТ. Најефикасни кај Кожув беа Слејтер со 14 и Караџовски со 12 поени.

Се вчитува...