МЗТ Скопје денеска ги официјализираше трансферите на уште двајца домашни кошаркари, потпишувајќи договори со Бојан Трајковски и со Андреј Маслинко, кои ќе го носат дресот на актуелниот првак во новата натпреварувачка сезона. Трансферот на Трајковски што ЕКИПА го најави уште пред повеќе од еден месец денеска е официјализиран, а заедно со искусниот крилен центар на „металците“ им се приклучува и Маслинко, кој ќе биде резервна опција во борбата под кошевите.
Трајковски минатата сезона настапуваше за Карпош Соколи, а претходно има играно и за Балкан стил, Работнички, Фени индустри, Торус, Лирија, Куманово како и за полскиот Чарни Слупск и косовска Приштина. Младинскиот репрезентативец Маслинко доаѓа од таборот на Работнички, а има настапувано и за италијанскиот младински тим Стела Азура.
Претходно, во сино-белиот табор пристигнаа повратниците Дамјан Стојановски и Бобан Стајиќ, Американецот Ерик Гарсија како и талентираните Михајло Митев и Ранко Мамузиќ. Од минатата сезона, пак, под договорна обврска е уште и репрезентативците Марко Симоновски и Адем Мекиќ. За очекување е во најскоро време да биде доведен уште еден квалитетен центар од САД, пред стартот на подготовките што ќе биде закажан најдоцна за десетина дена.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА