МЗТ Скопје по шесте порази во низа се најде во незавидна положба, закован на дното на АБА-лигата со две победи помалку од најблиските конкуренти во битката за опстанок. Токму затоа „металците“ се свесни дека не смеат да си дозволат нов „кикс“ на денешниот дуел пред своите гледачи против Морнар (17 часот, СЦ „Јане Сандански), тим што им е директен ривал во борбата за избегнување на последното место.
Македонскиот првак во овој натпревар ќе влезе со нов тренер, откако Александар Тодоров си поднесе оставка од функцијата по поразот на вечното дерби со Работнички. Уште поголем „плус“ за „сино-белите“ е враќањето на „Фемили Аеродром“ на трибините, уште еден адут што ќе мора да биде искористен од страна на играчите, кои целосно потфрлија на последните натпревари.
„Ова е натпревар што едноставно мораме да го добиеме бидејќи во спротивно би се нашле во исклучително тешка ситуација во АБА-лигата. Немаме многу време за запознавање со новиот тренер, но тоа не смее да биде пречка за да одиграме најдобро што можеме. Против себе имаме квалитетен тим со одлични поединци, на кој не смееме да му дозволиме да го наметне својот ритам. Враќањето на нашите најверни навивачи и нивната поддршка и тоа како добро ќе ни дојде, сигурен сум дека со нивна помош ќе почнеме да се враќаме на победничките патеки“ – изјави капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски.
Новиот тренер Жељко Лукајиќ немаше многу време за да ги пренесе своите замисли врз тимот, но сепак очекува добра игра и победа на МЗТ над Морнар.
„Морнар е одличен тим со квалитетни странци, каде лидер е Американецот Нидам, а под кошот го имаат доминантниот Урош Луковиќ. Ние сме во ситуацијата да мораме да одиграме со срце и да сториме се за да победиме. Со тоа би ја кренале самодовербата, а и би добиле во време за подобро да се запознаеме и да продолжиме да работиме со уште посилно темпо“ – порача Лукајиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА