МЗТ Скопје ја забележа и петтата победа во низа во Супер-лигата, со максимален ефект завршувајќи го првиот круг од натпреварувањето. Актуелниот првак вечерва во репризата на ланското финале го пречека составот на Куманово, доминирајќи во текот на целата средба и заслужено триумфирајќи со резултат 81-76. Кумановци опасно се заканија во последните 10 минути, во самиот финиш дојдоа на само еден поен разлика и промашија слободно фрлање, по што „металците“ стигнаа до победата.
„Металците“ уште од самиот почеток го диктираа темпото, откако по израмнетите 6-6 Јуре Лалиќ постигна шест поени во низа за прво поосетно водство на избраниците на Анте Назор. Кумановци не успеаја да ги запрат налетите на шампионот, кој со поените на Темс ја заврши првата четвртина со двоцирена предност (24-13). Домашниот состав рутински ја одржуваше предноста до крајот на полувремето (44-34), потоа и до крајот на третиот период (60-50), за Куманово опасно да се приближи на стартот од последната четвртина, кога со трите тројки во серија на Караџовски гостите дојдоа на само три поени разлика (62-59).
МЗТ Скопје одговори со тројка на капитенот Марко Симоновски, но кумановци веќе добија самодоверба и почнаа многгу полесно да ги реализираат своите напади. Во последните минути се влезе во максимално неизвесна завршница, а по двете промашени слободни фрлања на Мијатовиќ при резултат 75-73 гостите добија можност и да израмнат по фаулот на Симоновски над Караколев. Сепак, беков на кумановци беше само еднаш прецизен, по што двата тима влегоа во серија на лични грешки. Мијатовиќ се поправи, па на 15 секунди до крајот ги погоди двата „пенали“ за водство од 79-76, по што екс-кошаркарот на Куманово го блокираше на спротивната страна Караџовски, разрешувајќи ги дилемите околу победникот на овој натпревар, кој заврши со конечни 81-76.
Темс беше најефикасен кај МЗТ со 22 поени, пред Лалиќ со 20 поени, додека Мијатовиќ оствари дабл-дабл од 14 поени и 10 скокови, додека Караџовски беше извонреден во таборот на Куманово со 30 поени и шест асистенции.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА