МЗТ со шокантен пораз од Кожув во Гевгелија

МЗТ Скопје по подолго време е поразен во македонската Супер-лига. Кошаркарите на актуелниот првак и освојувач на Купот на Македонија загубија на гостувањето во Гевгелија кај Кожув со 88-80.

Победата на домашниот тим можеше да се навести уште по првата четвртина, која гевгеличани ја добија со 24-21, а на полувреме заминаа со три поени предност. Клучна беше третата четвртина, кога Кожув дојде во еден миг и до предност од 11 поени разлика, по кои немаше враќање за МЗТ.

Залудни беа обидите на „металците“ во последниот период, кога Кожув стигна до највисоки +13 поени. Сепак, МЗТ не се предаде, имаше во еден миг шанса да се врати, но промаши неколку клучни напади, па на крајот Кожув ги израдува своите навивачи со голема победа.

Со 24 поени Пурвис беше најефикасен, додека кај МЗТ Мекејден со 18 беше најдобриот стрелец.

Претходно кошаркарите на Гостивар со 86-66 го совладаа тимот на Маџари. Оваа победа домашните кошаркари ја посветија на починатиот Ѓорѓи Божиноски кој ја извршуваше функцијата спортски директор.

Се вчитува...