Македонскиот вицешампион МЗТ Скопје денеска ќе ги стартува подготовките, а тренерот Кочов на располагање ќе ги има сите кошаркари вклучувајќи ги и четирите странци кои во новата сезона ќе ги бранат боите на аеродромци.
Американците Лестер Медфорд и Џејмс Вудард пристигнаа доцна синоќа, а нешто претходно во Скопје се појавија и Хрватот Иве Иванов и Србинот Андрија Бојиќ, кој и лани беше дел од „сино-белите“. Четворицата вечерва ќе му се стават на располагање на тренерот Ѓорѓи Кочов, кој изминативе десет дена неформално работеше со домашните кошаркари.
Според планот на стручниот штаб, до недела ќе се тренира во салата „Јане Сандански“, а веќе в понеделник тимот ќе се пресели во Маврово каде што ќе ги одработи базичните подготовки. Кочов планира одигрување на најмалку шест пријателски средби до почетокот на сезоната, од кои веќе начелно се договорени по две со Гостивар и бугарски Левски Лукоил. Бугарскиот шампион, ако сѐостане според планот, кон крајот на месецов ќе гостува во Скопје на два меча од кои едниот најверојатно ќе биде од затворен карактер.
МЗТ Скопје Аеродром првиот официјален натпревар од новата сезона ќе го одигра на 27 септември на домашен терен против словенечкиот претставник во регионалното натпреварување, Хелиос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА