МЗТ тргнува во АБА2: Победа над Војводина како императив

Кошаркарската сезона во Македонија ќе продолжи дури кон крајот на овој месец, но МЗТ Скопје денеска ќе стартува со обврските во АБА2, и тоа со домашен дуел против екипата на Војводина.

Станува збор за незгоден ривал, екипа што исто како и македонскиот првак има скор од три победи и два пораза по првите пет рунди, па јасно е дека аеродромци треба да сторат се за да стигнат до победата и да го прескокнат овој ривал на табелата.

Тренерот Васко Атанасов е свесен дека пред македонскиот првак не е нималку лесна задача, но верува дека неговите избраници со помош на навивачите ќе стигнат до посакуваниот резултат.

„Годината ја почнуваме против екипа која е меѓу најдобрите во АБА2. Средбата е исклучително важна за двата тима, поради што очекувам голема борба од почетокот до крајот на мечот. Очекувам да имаме голема поддршка од трибините, што секако ќе ни донесе дополнителна предност во однос на противникот. Добро трениравме изминатиов период и ако одиграме како што знаеме тогаш верувам дека ќе се радуваме на крајот“, вели Атанасов.

Дуелот меѓу МЗТ Скопје и Војводина се игра вечерва со почеток во 20 часот во СЦ „Јане Сандански“.

Се вчитува...