Катастрофалното раководење со МЗТ Скопје во последните две години ќе треба да се плати летово, откако македонскиот шампион се соочи со исклучително тешка ситуација, клучните странски кошаркари да си заминат од клубот, а аеродромци да немаат право да регистрираат нови засилувања од странство.
Душан Танасковиќ беше еден од најдобрите кошаркари на МЗТ минатата сезона, аеродромци сакаа да го задржат, но српскиот центар реши да си замине од мак-баскетот. АБА-лигашот Мега е негов нов клуб, откако синоќа беше официјализиран овој трансфер, со што се остава сериозна дупка во рекетот на аеродромци. За проблемите да бидат уште поголеми, заминување најавил и Делалиќ, кој се наоѓа многу блиску до потпис со екипата на Босна, а најавено е дека клубот речиси сигурно ќе го напушти и Ворку. Како можна замен за Танасковиќ се преговараше со македонскиот репрезентативец Симиќ, па останува да се види дали младинскиот репрезентативец ќе се согласи на трансфер во „Јане Сандански“ ако се знае дека има понуди од уште неколку екипи.
„Сино-белите“ веќе имаат една официјална забрана за трансфери од БАТ, потврдена на веб-страницата на кошаркарскиот суд на ФИБА. ЕКИПА дознава дека македонскиот шампион загубил уште најмалку една тужба, а во следните месеци се очекуваат најмалку уште две пресуди на кошаркарскиот суд против МЗТ Скопје.
Ова практично значи дека аеродромци нема да можат да носат нови странски засилувања додека не потпишат спогодби за исплата за сите оние спорови што досега ги загубија и оние што ќе ги загубат во наредниот период. А ако се знае дека станува збор за огромна сума севкупно (стотици илјади евра се во прашање), а МЗТ им должи и на најдобрите домашни играчи од штотуку завршената сезона, јасно е дека состојбата во која се наоѓа клубот што доминира на македонската кошаркарска сцена во последните десетина години е и повеќе од алармантна.
Веќе извесен период беше јасно дека еден ден ќе дојде цехот за катастрофалната работа на управата. Тој ден веќе дојде, проблемите ќе мора да се решат летово. но прашање е како кога првиот човек (директорот на клубот) се покажа како апсолутно неспособен за такво нешто.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА