МЗТ во зимски сон, Работнички добива сила (фотогалерија)

МЗТ Скопје делуваше доминантно во првиот дел од сезоната на домашната кошаркарска сцена, но почетокот на 2024 година донесе неочекуван пресврт, па „металците“ веќе претрпеа два пораза, и тоа двата на домашен терен од директните ривали за највисок пласман Пелистер и Работнички. Тоа што конечните резултати се едноцифрени не го менува фактот дека МЗТ делуваше катастрофално во големи периоди од дерби-дуелите, доцна се будеше за приклучок, но со прикажаното дефинитивно не заслужи радост.

Навивачите со право се разочарани, ако се знае дека падот во формата доаѓа во најлош можен момент, пред турнирот во АБА2, потоа и куп-завршницата во Битола во која „металците“ ќе го бранат првиот трофеј од ланската двојна круна. А ако не излезат од зимскиот сон и ако нешто сериозно не променат во ставот и играта, тоа ќе биде невозможна мисија.

На спротивната страна, Работнички уште еднаш покажа дека големата криза е далеку зад составот на Горан Самарџиев. Петта победа во серија, оваа вечерашната дефинитивно најслатка, со која беше прекината црна серија од нецели три години без триумф над вечниот ривал. Она што кавадарчанецот мора да го радува е враќањето во топ-ритам на Американецот Декози,  но и беспрекорниот шут од далечина (46‚ за тројка). Секако, се уште има простор за напредок (вечерва пред се во однос на одбраната), но позитивно за Работнички е што формата е во нагорна линија и најдоброто од „центарци“ допрва следи.

А за мак-баскетот, добро е што по подолга пауза имаме три тима со шампионски амбиции, како најава за суперинтересен втор дел од сезоната…

 

Се вчитува...