МЗТ Скопје поведе со 2-1 во полуфиналната серија против Блокотехна, совладувајќи го незгодниот противник со убедливи 89-72. Со овој резултат, „металците“ со полна мера им се реваншираа на гевгеличани за поразот од пред два дена, па сега ќе имаат можност во вторник во салата „НОЕЛ“ да се изборат за пласман во финалето. Ниту отсуството на повредениот Симоновски не се почувствува во играта на „сино-белите“, каде лидерската улога ја презеде Дарко Соколов. Голем удар за гостите е повредата што во самиот финиш ја заработи Бенџамин, чии шанси за настап за два дена во Гевгелија се минимални.
Гостите го отворија мечот со пет поени на Мијатовиќ за рано водство од 0-5, но МЗТ набрзина ја презеде контролата над мечот, направи пресврт, па Марјан Илиевски беше принуден да побара тајмаут при водство на домаќините од 13-8. Налетот на МЗТ Скопје не престана, па набрзина домаќините стигнаа и до првата двоцифрена предност (23-11). Во меѓувреме Мијатовиќ и Бенџамин направија по две лични грешки, а ситуацијата стана алармантна за гостите во вториот период , кога Бенџамин набрзина стигна до четири лични грешки па мораше да биде заменет. „Металците“ имаа водство од „плус тринаесет“ (36-23, 38-15), Блоктоехна успеа да ја спушти разлика до девет, пред Соколов да стави точка на полувремето со тројка за 43-31.
Третата четвртина донесе далеку подобра игра во нападот на гостинскиот тим предводен од Младеновиќ, во неколку наврати ја спушти предноста до шест поени, но во клучните моменти тројки погодуваше Соколов, а Трајковски имаше две одлични блокади во одбраната, па МЗТ. И оваа четвртина како и претходната заврши со нова тројка на Дарко Соколов, за „плус десет“ во пресрет на последните десет минути (65-55). По завршувањето на четвртината дојде до инцидент во кој беа вклучени Младеновиќ и Нешовиќ, на терен влетаа и дел од останатите играчи, но за среќа страстите се смирија.
„Сино-белите“ го зададоа последниот удар на самиот почеток од последната четвртина, набрзина кревајќи ја разликата и на убедливи „плус дваесет“, по што рутински го приведоа мечот до конечните 89-72. Многу поголем проблем од поразот за Блокотехна е повредата на Двејн Бенџамин заработена на 96 секунди до крајот, по што американскиот кошаркар во агонија се жалеше на болка во пределот на скочниот зглоб.
Бојиќ беше прв стрелец на МЗТ Скопје со 22 поени, Дарко Соколов погоди пет тројки за 15 поени, а Дамјан Стојановси постигна 13, сите во првото полувреме. Кај Блокотехна најдобри стрелци беа Мијатовиќ со 17 и Младеновиќ со 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА