АБА лигашките натпреварувања за МЗТ Скопје продолжуваат во Хрватска каде македонскиот шампион вечерва од 20 часот силите ќе си ги одмери со Задар. Аеродромци во овој натпревар влегуваат во серија од два пораза во низа и со цел враќање на победничките патеки, но тоа воопшто нема да биде лесно против тимот кој во досегашниот дел од сезоната забележа шест победи и четири порази.
Добра вест за Александар Петровиќ е камбекот на Дастин Вер кој треба да донесе стабилност на плејмејкерската позиција. Американецот кој носејќи го „сино-белиот“ дрес претходната сезона бележаше просек од 16.7 поени со 44 отстотна реалзација за три поени, а додаде и 6.9 асистенции на седум одиграни средби во АБА2 доаѓа на местото на Бре Ајви и заедно со Кефи треба да биде диригентот за победа во Далмација.
View this post on Instagram
Предводникот на МЗТ Скопје ја знае силата и предностите на противникот, но верува дека со новото засилување „сино-белите“ ќе добијат и поголеми опции кои можат да го изненадат противникот.
„Задар има одлични резултати и е екипа која игра брзо со многу трчање. Ќе се обидеме да ја спречиме нивната транзиција и нивниот најдобар кошаркар Лука Божиќ кој игра извонредно сезонава. Но, тој не е единствената опасност бидејќи противникот располага со седум-осум квалитетни играчи, а за нивната игра говори и пласманот во горниот дел од табелата. Ќе имаме нов кошаркар во ротација, Кефи ќе добие помош на плејмејкерската позиција што секако ќе ни донесе повеќе опции. Здравствениот билтен е добар, атмосферата не е лоша без разлика на поразот на домашен терен минатиот викенд и сигурен сум дека со максимална борбеност и желба за успех ќе сториме се за да го изненадиме силниот домаќин“, вели Петровиќ.
Покрај лимитирање на Божиќ за МЗТ Скопје да се надева на победа треба да биде на врвот на својата задача во одбраната каде мора да се спречи протокот на топката на противникот кој носи отворени обиди за три поени, сегмент од играта кој е голема предност за задарскиот клуб, а од истото да произлезат лесни поени во транзиција.
View this post on Instagram
Петровиќ денеска ќе треба да бара и решение за својот доскорешен кошаркар, Хуан Дејвис кој од почетокот на сезоната ги брани боите на Задар. А, покрај Дејвис друг играч кој ги поврзува овие два тима е Тодор Гечевски, легендата на македонската кошарка кој доминраше во „сино-белиот“ дрес на хрватскиот и македонскиот состав.
View this post on Instagram
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА