Н’Голо Канте уште еднаш покажа дека е најдобриот играч за врска во светот, Во само пет години стигна и до петтиот трофеј во својата кариера, заокружувајќи ја и Лигата на шампионите на најдобар можен начин со синоќешниот триумф против Манчестер сити.
Но, малиот Французин, висок само 169 сантиметри е далеку од фудбалските стереотипи. Неуморната работа и приземниот став се неговите препознатливи карактеристики. Вози евтин автомобил, не го интересираат манекенките, а фудбалот му е најголема преокупација.
Францускиот репрезентативец денеска е најдобриот играч на Челси.
„Кога ја почнував кариерата, играв повеќе во офанзива. Две или три години играв само на крилните позиции во помладите селекции, а кога преминав во Болоња во 2011 година почнав да играм во средниот ред“ – вели Канте потсетувајќи се на своите почетоци.
Но, неговиот вистински подем почнува летото 2015 кога „ловецот на таленти“ од Лестер, Стив Волш, го донесе малиот Французин на Островот. Канте, како што признава, тогаш не ни знаел каде се наоѓа Лестер, но бил подготвен да одговори на предизвикот.
Но, не и неговиот тренер. Да се прашувал Клаудио Раниери, кој дојде во Лестер малку порано, Канте не би играл за неговиот тим.
„Тој не е доволно висок. Што ќе ми е во тимот“– му рекол тогаш Раниери на Стив Волш. Но, тој останал на својот став дека Канте е вистински избор.
На крајот Италијанецот попуштил и не погрешил. Лестер потпиша договор со Канте за 8 милиони евра. Се после тој ден е убава фудбалска приказна. Н’Голо Канте таа сезона стана најдобар фудбалер за врска во Премиерлигата. Неуморниот Французин имаше 175 стартови и 157 пресечени топки, далеку повеќе од било кој друг играч во лигата.
Челси и понудата од 35 милиони
По настапот за француската репрезентација на ЕП 2016, беше јасно дека кариерата на Канте ќе оди во нагорна линија. Следен чекор на малиот Французин беше понудата и трансферот во Челси за 35 милиони евра.
„Толку сум среќен што сум во Челси. Тоа е еден од најголемите клубови во Европа и сонот ми се оствари“ – ќе рече тогаш Н’Голо Канте, кој во тимот на Антонио Конте веднаш стана незаменлив член и направи совршен спој меѓу цврстата одбрана и брзиот напад.
„Понекогаш кога сум на теренот, како да го гледам двојно. Еден Н’Голо е лево, друг десно. Мислам дека играм со близнаци“ – изјави во тој период неговиот соиграч Еден Азар.
Како што минува времето, Челси делува се посилно, а Канте токму покрај Азар е една од најважните алки за успехот на „сините“ кои се блиску до шампионската титула во Англија.
Со голот на Канте, Челси го исфрли Манчестер јунајтед во четвртфиналето од ФА купот и сите му оддадоа признание на Французинот.
„Канте е моментално најдобриот играч за врска во светот“ – е ставот и на Франк Лампард.
На тој натпревар Н’Голо Канте го засени својот репрезентативен колега Пол Погба, играчот вреден 105 милиони евра. И статистиката и впечатокот на овој дуел беа на страната на Канте.
Со „Мини Купер“ на сигурен пат
Надвор од теренот, омилениот играч на Челси не е како другите славни фудбалери кои трошат милиони на бесни автомобили и на атрактивни девојки. Тој и понатаму го вози својот „Мини Купер“, ефтин мал автомобил во споредба со возните паркови на Погба или на Ронало.
Доколку го погледнете неговиот профил на Инстаграм, таму нема никакви фотографии од скапи екстравагантни забави во друштво на убави девојки. Малиот Французин е фокусиран на топката, посветен на фудбалот и на својот тим. На повеќето фотографии се неговите соиграчи на терен.
Тој е тимски играч со импресивни фудбалски квалитети со приземен, победнички карактер. Светската титула со Франција и сегашниот пехар од Лигата на шампионите се само заокружување на неверојатната приказна на Н’Голо Канте.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА