Н’Голо Канте, доказ дека и „малите“ можат многу

Н’Голо Канте (25) е најдобриот играч за врска во светот, но малиот Французин, висок само 169 см. е далеку од фудбалските стереотипи. Неуморната работа и приземниот став се неговите препознатливи карактеристики. Тој вози евтин автомобил, не го интересираат манекенките, а фудбалот му е најголема преокупација.

Францускиот репрезентативец денеска е најдобриот играч на Челси. Во изминатите пет сезони, од 2011 досега, настапуваше за четири клуба. Од Болоња стигна во Кан каде за две години покажа голем потенцијал играјќи во Прва и во Втора лига.

„Кога ја почнував кариерата, играв повеќе во офанзива. Две или три години играв само на крилните позиции во помладите селекции, а кога преминав во Болоња во 2011 година почнав да играм во средниот ред“ – откри Канте во англиските медиуми.

kante123

Што ќе ми е, мал е…“

Но, неговиот вистински подем почнува летото 2015 кога „ловецот на таленти“ од Лестер, Стив Волш, го донесе малиот Французин на Островот. Канте, како што признава, тогаш не ни знаел каде се наоѓа Лестер, но бил подготвен да одговори на предизвикот.

Но, не и неговиот тренер. Да се прашувал Клаудио Раниери, кој дојде во Лестер малку порано, Канте не би играл за неговиот тим.

Тој не е доволно висок. Што ќе ми е во тимот“– му рекол тогаш Раниери на Стив Волш. Но, тој останал на својот став дека Канте е вистински избор.

На крајот Италијанецот попуштил и не погрешил. Лестер потпиша договор со Канте за 8 милиони евра. Се после тој ден е убава фудбалска приказна. Н’Голо Канте во таа сезона стана најдобар фудбалер за врска во Премиер-лигата. Неуморниот Французин имаше 175 стартови и 157 пресечени топки, далеку повеќе од било кој друг играч во лигата.

Канте остава впечаток дека само го држи средниот ред. Секогаш е на вистинското место, брз и спретен со топката.

kante i pogba

Челси и понудата од 35 милиони

 По настапот за француската репрезентација на ЕП 2016, беше јасно дека кариерата на Канте. Следен чекор на малиот Французин беше понудата и трансферот во Челси за 35 милиони евра.

„Толку сум среќен што сум во Челси. Тоа е еден од најголемите клубови во Европа и сонот ми се оствари“ – изјави тогаш Н’Голо Канте.

Во тимот на Антонио Конте, Н’Голо веднаш стана неизоставен член и направи совршен спој меѓу цврстата одбрана и брзиот напад.

„Понекогаш кога сум на теренот, како да го гледам двојно. Еден Н’Голо е лево, друг десно. Мислам дека играм со близнаци“ – вели неговиот соиграч Еден Азар.

Како што поминува времето, Челси делува се посилно, а Канте токму покрај Азар е една од најважните алки за успехот на „сините“ кои се блиску до шампионската титула во Англија.

Со голот на Канте, Челси го исфрли Манчестер јунајтед во четвртфиналето од ФА купот и сите му оддадоа признание на Французинот.

„Канте е моментно најдобриот играч за врска во светот“ – рече Франк Лампард од студиото на Би-Би-Си.

На тој натпревар Н’Голо Канте го засени својот репрезентативен колега Пол Погба, играчот вреден 105 милиони евра. И статистиката и впечатокот  на овој дуел беа на страната на Канте.

kante1

Со Мини Купер“ на сигурен пат

Надвор од теренот, омилениот играч на Челси не е како другите славни фудбалери кои трошат милиони на бесни автомобили и на атрактивни девојки. Тој и понатаму го вози својот „Мини Купер“, ефтин мал автомобил во споредба со возните паркови на Погба или на Ронало.

Доколку го погледнете неговиот профил на Инстаграм, таму нема никакви фотографии од скапи екстравагантни забави или во друштво на убави девојки. Малиот Французин е фокусиран на топката, посветен на фудбалот и на својот тим. На повеќето фотографии се неговите соиграчи на терен.

kante leicester

Тој е тимски играч со импресивни фудбалски квалитети со приземен, победнички карактер. Доволно за да стане најдобар играч за врска по само две години во Премиер-лигата.

Со својот „Мини Купер“ стигнува секаде и омилен е и кај сегашните и кај поранешните соиграчи. Канте стигна да го поздрави настапот на својот поранешен тим Лестер во осминафиналето од Лигата на шампионите против Севилја. Дојде како навивач и се врати среќен назад во Лондон со својот „Мини Купер“.

Се вчитува...