На 8 натпревари, Филип Петковски постигна 19 гола за Слога В.

Приказната за Филип Петковски, голгетерот на третолигашот Слога од Виница ќе ја започнеме со онаа  народна поговорка ,„круша под круша паѓа“. Постарите љубители на фудбалот сигурно се уште се сеќаваат на головите на неговиот татко Саше Петковски, популарниот  Зеко кој се надава голови играјќи за голем број клубови во Македонија, почнувајќи од неговото Скопје, па се до  Македонија Престон од Мелбурн. Го носеше и дресот на скопски  Вардар, Работнички, Тетекс, Шкупи, Балкан, Слога Југомагнат, Еуромилк, зад него остана богата фудбалска кариера.

Сега во центарот на вниманието на љубителите на фудбалот, кои ги следат настапите и резултатите во петте Трети лиги на Македонија е неговиот син Филип Петковски кој на осум  настапи  пролетва во дресот на Слога од Виница постави несекојдневен голгетерски рекорд кој тешко наскоро ќе  биде соборен. По препорака на тренерот на Слога Емил Грнев, Петковски во зимскиот преоден рок дојде во Виница од Еуромилк за да и помогне  на Слога да го освои првото место во Третата лига – исток и да се обиде преку бараж по неколку години да се врати во Втората лига.

Голгетерската канонада во дресот на Слога, Филип Петковски ја почна со Малеш постигнувајќи 3 гола. Потоа се редеа головите на мечевите со Брегалница /1/, Тиверија /1/, Ударник /4/, Хоризонт /4/, Д. Езеро /1/, Карбинци /4/ и на крајот со Оче Поле /1/, вкупно 19 гола. Не паметиме дека некој фудбалер во Македонија има постигнато 19 гола на 8 првенствени средби во било која лига, и тоа без еден меч пауза. Постои шанса Филип Петковски да го собори овој свој голгетерски рекорд бидејќи претстои бараж за Втората лига на кој може повторно да постигне некој гол.

Со името на Филип Пековски е поврзан уште еден рекорд по бројот  на  настапи во клубовите на Македонија. Има играно за Скопје, Металург, Работнички, Тиквеш, Хоризонт Турново, Тетекс, двапати за  Вардар /С/, Шкупи, Ренова, Академија Пандев, Вардар /Н/, Гостивар, Еуромилк и сега за Слога од Виница. Вкупно, го носеше дресот  на 14 клуба. Импозантна  бројка.

– Таков е фудбалскиот живот, од оној убав кој останува долго во сеќавањето кога играјќи за Тетекс го освоивме Купот на Македонија совладувајќи ја Шкендија од Тетово на пенали, на кој  бев стрелец на еден од решавачките голови. Играв и во клубови од кои бев принуден порано да си заминам поради нивните финансиските проблеми и неплаќање. Јас сепак засега живеам од фудбалот, ни рече Филип Петковски . И не само јас.

– Моја голема желба е Слога од идната сезона да игра повторно во Втората лига. Овој град, кој деновиве живее за фудбалот тоа го заслужува. Треба да се дојде во Виница кога игра Слога, полни трибини, и старо и младо што се вели, радост по секоја победа. Голема група наши навивачи не следеа и  бев  со  нас на сите пролетни гостувања.  Верувам и се надевам дека во новата сезона ќе играм во Втората лига на Македонија, во дресот на Слога.

М.Мицковиќ

Се вчитува...