Масимилијано Алегри мака мачи да го врати победничкиот дух во таборот на Јувентус, а дополнителен проблем за трофејниот стратег е недисциплината на фудбалерите.
Артур е играчот кој ќе го плати цехот, откако Бразилецот ги загуби и последните кредити кај Алегри и веќе му било ставено до знаење дека ќе биде продаден уште во текот на јануарскиот преоден рок. Стратегот на „старата дама“ не е задоволен од изданијата на бразилскиот играч за врска, но чашата беше прелиена откако тој задоцни на вчерашниот тренинг. Италијанските медиуми информираат дека тренерот збеснал и Артур дефинитивно ќе го пропушти денешниот дуел во Венеција, а најверојатно и сите преостанати средби до крајот на годинава.
Конкуренцијата во средниот ред на Јувентус е огромна, а Алегри е решен да се ослободи од Рамзи и од Артур со цел да обезбеди буџет за нови имиња во зимскиот преоден рок. Неколку премиерлигаши ја следат ситуацијата, но проблем претставува што ниту еден од нив не сака да плати 35 милиони евра, на колку што Јуве го има проценето поранешниот фудбалер на Барселона.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА