Реал Мадрид го демолираше Манчестер Сити и се пласираше во осминафиналето од Лигата на Шампионите, уште повеќе зголемувајќи ја мизеријата на Пеп Гвардиола во оваа најлоша сезона во тренерската кариера на успешниот стратег.
Пеп немаше одговор за Мбапе и за првпат по 16 години не успеа да се пласира во осминафиналето во Лигата на Шампионите, претрпувајќи го 13. пораз во една сезона за првпат во кариерата (и тоа во месец февруари). Згора на тоа, трофејниот стручњак апсолутно незаслужено беше цел на жестоки навреди од страна на навивачите на Реал.
„Гвардиола, толку си слаб. Најпрвин тоа беше поради дрогата, а сега те гледаме во Чуека“, ечеше од трибините на „Сантијаго Бернабеу“. Инаку, Чуека е кварт во Мадрид каде се собираат хомосексуалци.
Откако Реал Мадрид го постигна и третиот гол, следеше иронична песна: Гвардиола, остани…
Мадридскиот весник „Марка“ во извештајот од натпреварот ги критикуваше навивачите на Реал за ваквото однесување.
„Многу невкусно беше да се слуша скандирањето кон Пеп Гвардиола. Менаџерот на Манчестер Сити не заслужи такво непочитување бидејќи тој и неговиот тим беа крајно примерни во поразот. Тој не заслужи такви скандирања, беше господин од почеток до крај, веднаш по завршниот свиреж поздравувајќи се спортски со тренерот Анчелоти и со сите фудбалери на Реал“, пишува „Марка“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

