На Дани Алвеш ќе му се суди за силување

На бразилскиот фудбалер Дани Алвеш, обвинет за силување на млада жена во Барселона, ќе му се суди за сексуален напад, правна категорија која вклучува силување, соопшти Високиот суд на Каталонија.

Се уште не е одреден датумот на судење, соопшти судот, додавајќи дека обвиненијата против поранешниот играч на Барселона и Пари Сен Жермен, кој е во затвор од јануари, ќе бидат исти како оние кои се споменуваат во истрагата.

Алвеш е обвинет дека силувал млада жена во ноќен клуб во Барселона на 30. декември минатата година. 40-годишникот негира дека е виновен, а во интервју минатиот месец истакна дека неговата „совест е чиста“ и дека жената „се согласила да има секс“.

Тој е во шпански затвор поради „висок ризик од бегство“ во Бразил, кој, како и многу земји, не ги екстрадира своите граѓани.

Алвеш во досегашната кариера има освоено 43 титули, вклучувајќи три Лига на шампиони со Барселона и две Копа Америка со Бразил.

Се вчитува...