На денешен ден во Македонија играа многу познати ѕвезди: Еузебио, Еду, Џаиќ и Шекуларац го „запалија“ Штип

Љубителите на фудбалот во Штип, не само оние од постарата генерација се уште се сеќаваат на златниот ден во историјата на штипскиот фудбал и на нивната толку сакана Брегалница кога на 20 септември 1978 година имаа можност да видат на дело многу познати звезди на светскиот фудбал, да присуствуваат на еден незаборавен невиден спектакл во присуство на 12.000 гледачи.

Многумина денес кога ќе го читаат овој текст веројатно сомнително ќе нишаат со главата и ќе се запрашаат дали е можно на Градскиот стадион во Штип да играат еден Еузебио, „Црниот пантер“ од Мозамбик, сигурно еден од најпознатите фудбалери на репрезентацијата на Португалија и на Бенфика, членовите на бразилската репрезентација Еду и Рилдо кои заедно со Пеле, Жилсон, Тостао, Гилмар, Карлос Алберто беа во состав на трикратниот светски првак.

За првпат на дело го видоа најдобриот дриблер и фудбалскиот виртуоз, една од звездите на Црвена звезда Драгослав Шекуларац, роден штипјанец, потоа рекордерот по бројот на настапи за југословенската репрезентација Драган Џаиќ, најдобриот голгетер на југословенскиот фудбал Слободан Сантрач и трите негови гола токму на овој меч на кој Драгослав Шекуларац се простуваше од зелениот терен.

Шекуларац организатор на спектаклот

Како дојде до овој меч, како во Штип се најдоа толку познати имиња на светскиот фудбал, во еден за нив непознат град. Сето тоа беше во организација на Шекуларац, кој сакаше неговиот последен допир со топката на зелениот терен да биде во родниот  Штип. Брегалница со двете раце ја прифати понудата да го организира овој меч со познатата екипа Њујорк Иглс, која беше член на Северно Американската лига, во која играше и славниот Сантос, и за која во тоа време играше, а потоа беше и тренер Драгослав Шекуларац, засилена со неколку  фудбалери од другите држави.

Покрај овие веќе спомнати фудбалери за Њујорк Иглс настапија уште и голманот на Партизан Раде Залад, неговиот клупски колега Никица Клинчарски,  фудбалерот на Сараево Тешан, Тејлор и Харви од Англија, Молина /Парагвај/, Митеу /Перу/.

Три гола на Сантрач

Во Штип како специјални гости присуствуваа и Миљан Милјаниќ, Владимир Беара, кој подоцна беше и тренер на Брегалница, Гојко Зец, Милош Милутиновиќ, Душан Савиќ, Марко Валок, Хуго Рушевљанин.

На овој меч победи Њујорк Иглс со 4:2 /4:0/ со головите на Сантрач 3 и Харви, додека стрелци за Брегалница беа Станоевски и Јакимовски. Судеше штипскиот судија Петраклиев.

Еве го составот на Брегалница: Димовски, Иванов, Штериев, Костов, Арсов, Цеков, Здравков /Станоевски/, Икономов, Алексовски, Илиев, Цекиќ /Јакимовски/.

Њујорк Иглс: Залад, Тешан /Тејлор/, Молина, Харви, Рилдо, Клинчарски /Митеу/, Еузебио да Силва Фереира, Еду, Сантрач, Шекуларац, Џаиќ

Гледачите уживаа на овој натпревар, имаа што и да видат, трибините се тресеа од аплаузи, беа исполнети до последното место, игла да фрлиш, немаше каде да падне.

Сите сакаа да го  видат Еузебио

Тие два дена колку што Еузебио, Еду, Рилдо, Шекуларац, Џаиќ и останатите беа во Штип беше празник не само за фудбалот, туку и за градот. Сите сакаа да ги видат, да  направат фотографија со нив, да ги нагостат.

Во центарот на вниманието беше Еузебио, еден од најдобрите фудбалери на светот, кој играше за Португалија која на светското првенство во Англија 1966 година го освои третото место, кој играше и за репрезентацијата на светот против Англија, за селекциите на Европа против Скандинавија, потоа 1964 година и против Југославија во корист на настраданите од земјотресот во Скопје. На овој меч Европа победи со 7:2,  Еузебио постигна 4 гола.

Еден од легендите на штипскиот фудбал Никола Штериев, кој едно време играше и за Вардар, беше актер на овој меч.

И денес се уште се сеќавам на тој натпревар. Во првото полувреме ни ја сокрија топката. Тешко е да се игра против таквите мајстори, вистински маѓепсници. Имаше моменти кога не можевме да дојдеме до топката, се поигруваа со нас, лесно ни дадоа четири гола уште во првото полувреме. Во вториот дел повеќе играа за гледачите, отколку што беа заинтересирани да ни даваат голови. Беше тоа ревија на невидени фудбалски мајстории, дури и ние   на теренот, ќе се заборавевме, ќе застаневме за да ги гледаме, ни раскажуваше Штериев.

Авторот на овој текст беше присутен на стадионот во Штип на овој спектакал, беше тоа незаборавен фудбалски ден, меч кој го одбележаа многу  светски  агенции поради настапот на Еузебио, што беше доволно еден мал град во срцето на Македонија да се најде за еден миг на фудбалската карта на светот.

 Миодраг Мицковиќ

Се вчитува...