На Факултетот за физичко образование промовирана нова современа дијагностичка опрема (ФОТО)

На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ) денеска беше промовирана нова, современа и високо софистицирана дијагностичка опрема која вклучува инструменти за лабораториско и теренско тестирање на физичките перформанси, наменета за потребите на Институтот за научно-истражувачка работа во спортот при ФФОСЗ.

Со оваа инвестиција која е од Сојузот на спортските федерации на Македонија и од сопствени средства на факултетот се отвораат нови можности за унапредување на научните истражувања, прецизно следење и анализа на антропометриските карактеристики, телесната композиција и моторичките способности на спортистите и студентите, како и за подигнување на квалитетот на стручната и научната работа во областа на спортот.

Промоцијата претставува значаен исчекор во модернизацијата на научно-истражувачката инфраструктура на факултетот, која ќе овозможи примена на најсовремени методи за дијагностика, анализа на движењето, проценка на физичката подготвеност и подобрување на спортските перформанси. Оваа опрема ќе биде во функција не само на академската заедница, туку и на спортистите, тренерите и спортските организации кои ќе можат да добијат научно поткрепени анализи и препораки за развој и напредок.

На настанот присуствуваа деканот на ФФОСЗ проф.д-р. Влатко Неделковски со деканатот, раководителот на институтот за научно-истражувачка работа во спортот проф. д-р Александар Ацески, како и претседателот на Сојузотот на спортските федерации на Македонија, г-дин Мартин Клинчаров.

Во своите обраќања тие ја истакнаа важноста од континуирано инвестирање во современа технологија и научни капацитети, нагласувајќи дека ваквите проекти директно придонесуваат за развојот на спортската наука, подобрување на спортските резултати и поддршка на младите таленти.

Со воведувањето на новата дијагностичка опрема, ФФОСЗ уште еднаш ја потврдува својата улога како водечка научно-образовна институција во областа на спортот, создавајќи современи услови за врвни научни истражувања, едукација на идни стручни кадри и унапредување на спортот на национално ниво.

Се вчитува...