На Флорентино Перез му пукна филмот: Прв ќе „лета“ Анчелоти, по него и Винисиус

Реал Мадрид се наоѓа на работ да има катастрофална сезона, откако веќе заостанува зад Барселона во Ла Лига, а по синоќешното фијаско во Лондон е многу блиску и до елиминација од Лигата на Шампионите.

Флорентино Перез не е навикнат на вакви ситуации, па првиот човек на најтрофејниот европски клуб веќе ја пренел пораката до стручниот штаб и фудбалерите – дека летово ќе следи „чистка“ на „Сантијаго Бернабеу“. Ремонтот ќе стартува од стручниот штаб, а шпанските медиуми најавуваат дека само чудо може да спречи заминување на Карло Анчелоти од кормилото. Италијанецот има понуда да стане селектор на Бразил, нешто што минатото лето го одби, но овојпат ситуацијата е поинаква, искусниот стручњак е свесен дека нема да може уште долго да остане во Мадрид, па се очекува во следните седмици да ги интензивира преговорите со „кариоките“.

Прв на листата играчи кои се очекува да бидат продадени ќе биде Винисиус, според најавите кои пристигнуваат од Шпанија. Флорентино како и бројните фанови на Реал веќе се изморил од бранење и барање изговори за слабите игри на Бразилецот. Во ситуација кога за него има сериозен интерес од Саудиска Арабија, Перез ќе ја искористи можност да го продаде бразилскиот офанзивец, барајќи 300 милиони евра за трансфер што би бил запишан како најскап во фудбалската историја.

Потоа, тие пари би биле искористени за ангажман на Флоријан Вирц, но и на врвен играч за врска кој би го наследил Лука Модриќ во средниот ред на „кралевите“ наредната сезона. Кога станува збор за наследникот на Анчелоти, тука главен фаворит е Чаби Алонсо, кој успешно го води тимот на Баер Леверекузен, но и не ја крие желбата да се врати назад во Реал Мадрид, овојпат како тренер.

Се вчитува...