На Кинезите им помина меракот: Се кратат платите, си одат „ѕвездите“

Кинеските фудбалски власти пред неколку години најавија суперамбициозен проект, во кој не се жалеа пари за да бидат доведени врвни играчи од најсилните европски лиги. Беа потрошени многу пари, резултатот на име на квалитет и на резултати на меѓународната сцена (клупски и репрезентативно) изостана, па јасно беше дека наскоро ќе дојде до промени.

А тие ќе бидат коренити и ќе придонесат сите скапо платени „ѕвезди“ експресно да си заминат од оваа далечна земја. Конкретно, Кинеската Супер-лига веќе води разговори за воведување на „селари-кап“ со кој ќе се оневозможи плаќање на богатство на име на плати на фудбалерите. Највисоката плата што странските фудбалери би можеле да ја земат би изнесувала три милиони евра по сезона, сума што голем дел од овие играчи би можеле да ја земаат и во Европа.

На пример, Бразилецот Оскар по заминувањето од Челси дојде во Шангај СИПГ за плата од 20 милиони евра по сезона. Тој треба да се откаже од 17 милиони евра доколку сака да остане во кинеското првенство, јасно е дека тоа нема да се случи, па може да се очекува плејмејкерот веќе во јануари да се врати назад во Европа. Истото се однесува и за Грацијано Пеле, потоа за Бразилецот Хулк и за уште десетина играчи кои во последните две-три години заминаа на Далечниот Исток токму поради високите плати.

„Парите што кинеските клубови ги трошат се десет пати повеќе од она на тимовите во Јужна Кореја, трипати повисоки суми од оние во јапонската Џеј-ига. А нашиот национален тим е далеку зад овие репрезентации“, предупреди претседателот на Кинеската Фудбалска Асоцијација, Чен Ксујан.

Се вчитува...