На Клоп му пукна филмот: Тринаесет фудбалери на излезна врата од „Енфилд Роуд“

Ливерпул ја игра најслабата сезона во ерата на Јирген Клоп, откако „црвените“ ги загубија сите шанси за освојување на трофеј уште во месец март, а згора на тоа се предалеку и во борбата за место во ЛШ за наредната сезона, бидејќи овој тим моментно се наоѓа на осмото место на табелата.

Клоп упорно експериментира со составот, но Германецот е очигледно исфрустриран од игрите на своите избраници, поради што најавил дека ќе направи ремонт во тимот во текот на летниот преоден рок. Како што јавуваат англиските медиуми, дури 13 фудбалери од актуелниот ростер ќе бидат продадени, за да се состави фонд за нови засилувања кои би го освежиле играчкиот кадар под водство на Германецот.

Роберто Фирмино веќе најави дека ќе си замине од клубот како слободен играч, истото ќе го сторат и Наби Кеита и Алекс Окслејд Чембрлен, додека Артур Мело ќе се врати назад во Јувентус по неуспешната позајмица во Ливерпул. Ливерпул ќе тргне по нов дефанзивец, но затоа ќе бидат продадени Матип и Гомез, а на трансфер-листа ќе биде ставен и левиот бек Цимикас.

Резервниот голман Келехер моментно е желба на неколку премиерлигаши, а Ливерпул ќе го искористи тоа за да го продаде за најмалку 15 милиони фунти, а се очекува од клубот да си заминат и дефанзивците Филипс, Вилијамс и Ван дер Берг, како и третиот голман Адријан. Неизвесна е судбината на ветеранот Џејмс Милнер, за кого управата подготви нов договор, но Милнер се уште е во дилема дали да остане во Ливерпул.

Се вчитува...