Скандалозниот прекин на натпреварот меѓу Бразил и Аргентина се уште е во фокусот на вниманието на светската фудбалска јавност, а сега „топката“ е целосно префрлена кај ФИФА, чии челници ќе треба да се изјаснат околу тоа како ќе биде регистриран прекинатиот меч.
Согласно пропозициите, станува збор за квалификации за СП, натпреварување кое го организира ФИФА, па поради тоа светската куќа на фудбалот ќе ја има и обврската да донесе одлука околу разврската за дуелот меѓу Бразил и Аргентина. За конкретниот случај, јужноамериканската федерација КОНМЕБОЛ нема никакво влијание во конечната одлука, освен што ќе треба да ги достави судискиот и делегатскиот записник до одговорните лица во ФИФА.
„Судијата и комесарот ќе поднесат извештај до Дисциплинската комисија на ФИФА, кој ќе ги одреди чекорите што треба да се следат. Овие постапки строго се придржуваат кон сегашните прописи”, вака стои во официјалното соопштение на Конмебол.
Прописите на ФИФА се јасни: Во конкретниот случај кога натпреварот не се игра или е трајно прекинат поради „виша сила“, ФИФА може да нареди нејзино повторување. Сепак, одлука на државна власт за протерување на играчи тешко дека ќе се интерпретира како „виша сила“. Воедно, шансите за преигрување се мали и бидејќи распоредот е густ, па речиси и да нема слободни термини за овој меч да се доигра до крајот на овие квалификации.
Аргентинците обвинуваат дека станува збор за гест на Бразилците што бил „навреда за фудбалот“. Од земјата на „гаучосите“ гласно бараат да им биде доделена службена победа, наведувајќи дека бразилската федерација и фудбалерите се однесувале беспрекорно, но и инсистираат дека мора да биде донесена одлука во полза на Аргентина, како порака до сите кои во иднина нема да ги поддржат препораките на ФИФА и ќе се обидат да ја вмешаат политиката во фудбалот.
Бразилската страна тврди дека одлуката била од властите во земјата и немала никаква врска со федерацијата и репрезентацијата, кои не треба да бидат казнети поради ова.
Јасно е, никој не сака да остане без бодови, а на ФИФА ќе биде да изрече пресуда.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА