Манчестер сити би можел да добие забрана за настап во Лигата на шампионите за сезоната 2019/2020. Оваа вест интензивно ја пренесуваат англиските медиуми кои наведуваат дека најдобриот тим од Островот е под сериозна истрага на УЕФА.
Според наводите УЕФА е пред крај со истрагата која е на добар пат да ги разоткрие бројните финансиски малверзации со кои Сити се занимавеше изминативе неколку години.
Дека ситуацијата е сериозна сведочи и изјавата на претседателот на УЕФА, Александар Чеферин кој потврди дека против англискиот шампион се води интензивна истрага.
„Ја проценуваме ситуацијата. Имаме независна комисија која се занимава токму со случајот на Манчестер сити и за брзо ќе имаме одговори на се, па ќе се појавиме со официјални информации во јавноста. Така да за брзо ќе видиме што се случи во овој конкретен случај“ – соопшти Чеферин.
Се навестува дека малверзациите се случувале во 2015 година кога Манчестер сити требаше да добие околу 60 милиони фунти од главниот спонзор Етихад. Но, оваа авио компанија уплатила само осум милиони, додека остатокот од парите стигнал директно од Абу Даби Јунајтед Груп, која е во сопственост на шеикот Мансур бин Зајед.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА