На лекарите што го лекуваа Марадона ќе им се суди за убиство

Обвинителството што ја истражува смртта на фудбалската легенда Диего Марадона побара на медицинскиот персонал кој го лекувал да му се суди за убиство од небрежност. Во нивното барање, обвинителите рекоа дека Марадона бил доведен во „состојба на беспомошност“ поради „неуспеси и лошо менаџирање на осум медицински експерти“ и „оставен на судбината“ за време на неговата домашна хоспитализација, се вели во поднесокот на судот.

Марадона почина во 2020 година, додека се опоравуваше од операција на мозокот поради згрутчување на крвта. Неврохирургот и матичен лекар Леополдо Лук и психијатарот Агустина Косачов се под истрага за неговата смрт како главни одговорни за здравјето на поранешната фудбалска ѕвезда.

Шест други, меѓу кои и психологот Карлос Дијаз и медицинската координаторка Ненси Форлини, исто така се обвинети. Обвинителството ги товари за „дело во кое едно лице е несовесно, а знае дека неговото невнимание може да предизвика нечија смрт“.

Обвинетите, според обвинителите, биле „протагонисти на невидена, целосно неисправна и несовесна хоспитализација дома“, а наводно извршиле „низа импровизации, лошо менаџирање и пропусти“. Обвинетите може да се соочат со казни од осум до 25 години затвор. Одбраната сега мора да ги изнесе своите аргументи и може да побара случајот да биде отфрлен.

 

Се вчитува...